Можен ли е напредок во преговорите на Комисијата за историја, а без притоа да се погази националната гордост на Македонците? Ова прашање се наметнува по изјавата на бугарскиот премиер Кирил Петков, кој вчера истакна дека е задоволен од тоа како се одвива работата на заедничката историска комисија на Македонија и на Бугарија, каде наводно е направен значителен напредок во приближувањето на ставовите на историчарите, кога се во прашање повеќе историски личности – пишува Плусинфо.
Од наша страна нема никаква изјава од официјално лице која ќе ја потврди изјавата на Петков, но телевизијата Сител вчера објави дека во Комисијата навистина е направен напредок за неколку историски личности.
– Од македонскиот тим за Сител велат дека јавноста в петок ќе дознае дали има суштински напредок, додека од бугарска страна ни рекоа дека не е јасно, што точно има предвид изјавата на Петков. Доколку навистина нашле заеднички јазик, ова ќе биде прв пат по неколку години Комисијата да постигне напредок во работата. Во 2019-тата, бугарските и македонските исоричари постигнаа делумен консензус за цар Самоил, но во последниот период заглавија на прашањето како тој ќе биде претставен во учебниците во основно образование. Покрај за средновековниот цар, на самиот почеток на работата на Комисијата историчарите постигнаа делумен договор за свети Наум, свети Климент и светите браќа Кирил и Методиј. Детали не беа соопштени, но во предвид беше нивното заедничко чествување – меѓу другото беше потенцирано во прилогот на ТВ Сител.
За тоа дали е возможно да се дојде до приближување на ставовите на историчарите во заедничката комисија, а без притоа да се загрозат националните интереси на Македонија, Плусинфо мислење побарало од историчарот Стојко Стојков, кој е и лидер на ОМО Илинден, организацијата на Македонците во Бугарија. Тој вели дека во моментов не располага со доволно податоци, но во исто време е тешко да се поверува дека бугарските историчари во Комисијата би се согласиле со какви било отстапки.
– Многу е тешко да се коментира без да се знае нешто поконкретно. Но при сегашниот состав на бугарскиот дел на Комисијата одговорот е поскоро не. Освен ако се работи за некои поневажни и за двете страни личности, колку да се демонстрира некаков напредок – вели Стојков во изјава за Плусинфо.
Целиот текст на следниот линк:
https://plusinfo.mk/i-skop-e-i-sofi-a-se-plashat-od-istori-ata-e-padne-li-dogovor-bez-nacionalno-predavstvo/





