Во анализа со наслов ,,Европски коридор 8 или „Артанова осумка“, екс вицепремиерот
Ивица Боцевски предлага Европската комисија и Европскиот суд на правдата да оцени дали Македонија, во капацитет на земја-членка, може да влезе во авантурата со Бехтел и Енка.
,,Може ли Европската Унија да ѝ помогне на Македонија во расчистување на скандалозниот договор за изградба на автопатиштата со „Бехтел“ и со „Енка“? Знам дека многумина веднаш ќе се откажат да го читаат понатаму текстот штом се спомна помош од Европската Унија, имајќи ги предвид горките искуства на „европската помош“ околу прашањето за името и актуелниот „предлог Ковачевски – Петков“. ЕУ зазема страна и во едниот и во другиот процес, ја легитимираше неправдата кон македонската држава и кон македонскиот народ, па го разбирам ставот на македонските граѓани, кои одамна изгубија доверба во европските институции. Станува мошне тешко за мене и за другите „последни Мохиканци“ сè уште да зборуваме за нужноста од целосна европска интеграција на Македонија, но јас сè уште сметам дека европскиот пат е најдобра македонска алтернатива за наш севкупен развој и природен дом за македонската држава.
Меѓутоа, малку покреативно политичко и правно промислување упатува токму на Европската Унија како најдобар механизам и инструмент за одбрана на Македонија од неправедниот договор, кој јавноста веќе го оценува како врв на коруптивните намери на актуелната власт”, пишува екс вицепремиерот за европски интеграции во македонската влада.
Боцевски е убеден сум дека Европската комисија во својот годишен извештај за напредокот ќе се осврне на договорот на Владата со „Бехтел“ и со „Енка“, како и дека Македонија ќе добие тешки критики околу самата постапка, а особено околу налудничавите решенија за 60-часовна работна седмица, за експлоататорското користење на природното богатство, за недостигот од најелементарната документација за почеток на градба и така натаму.
,,Меѓутоа, попусто би било да го чекаме извештајот кога тоа би личело на народната „по свадба, тапани“. Наместо тоа, може Македонија да ѝ се обрати на Европската комисија, како регулатор на заедничкиот пазар, но и на Европскиот суд на правдата со барање овие две институции за изработат советодавно мислење дали Законот за стратегиско партнерство со „Бехтел“ и со „Енка“, како и самиот договор, кој од непознати причини се држи во тајност, е во согласност со правото на Европската Унија и со правилата за функционирање на заедничкиот европски пазар. Навидум изгледа како едноставно прашање, но тука одговорите ќе бидат многуслојни.
Прво, европските институции ќе ги оценат уставноста и законитоста на Законот за стратегиски инвеститор, нормално од аспект на европското законодавство, со цел да се утврди дали е, воопшто, можно да се влезе во такво решение.
Второ, ќе се прочешла темелно договорот за да се утврди дали внатре постојат точки што ги нарушуваат европските начела поврзани со инфраструктурна изградба, финансирање мегапроекти, јавни набавки, еколошки стандарди, работно законодавство и така натаму. Ќе повторам, од Европската комисија и од Европскиот суд на правдата ќе побараме да оцени дали Македонија, во капацитет на земја-членка, може да влезе во ваква авантура”, пишува Боцевски во колумната за Нова Македонија.





