Мотоциклист од Македонија загина на пат на северот од Италија

Мотоциклист со потекло од Македонија, со иницијали Б.М. и на возраст од 46 години, загина во саботата на државниот пат Бренеро кај Камподацо во покраината Јужен Тирол на северот од Италија.



Регионалниот весник „Алто Адиџе“ објави дека мажот што живеел во гратчето Варна во обид за престигнување изгубил контрола врз својот мотоцикл „сузуки“ и удрил во банкината покрај патот. И покрај напорите на повиканите спасувачи, тие не успеале да му го спасат животот.

На местото на несреќата имало трага од лизгање долга 35 метри. Возачи што претходно биле престигнати од македонскиот мотоциклист за весникот изјавиле дека тој се движел со преголема брзина.

Во акцијата за спасување биле вклучени доброволната противпожарна бригада од Камподацо, лекар од Брза помош и Црвениот крст. Увид на местото на несреќата извршила патната полиција, а во истрагата на несреќата се вклучило и Јавното обвинителство.