Од Град Скопје апелираат да не се земаат предвид паушални изјави кои не се базирани на никакви информации, вештачења ниту пак истражувања, а според кои мостот „Беласица“ наводно треба да биде урнат по оштетувањата од пожарот минатата недела.
„Во овој момент се работи вештачењето на состојбата со мостот „Беласица“ со цел утврдување дали воопшто има структурно оштетување. Во моментот мостот е затворен како превентива, се додека не добиеме уверување од релевантните институции дека е безбеден или дека треба да се интервенира. Несериозно е од декани, неименувани експерти како и неименувани „извори“ да се предизвикува паника кај граѓаните.
Мостот „Беласица“ во овој момент се вештачи, а во наредните неколку денови ќе се донесе и одлука за тоа дали ќе се врати во употреба веднаш, или пак ќе има било каква интервенција пред да се стави во употреба.
Со ова, сакаме да ги демантираме и дезинформациите и паушалните раскази на медиуми кои ја користат оваа ситуација за водење на политичка агенда која на ниту еден начин не помага на разрешување на ситуацијата“, велат од Град Скопје.







