Мостот кај „Ист Гејт“ ќе биде затворен уште најмалку три месеци

За најмалку три месеци од сега се очекува да биде пуштен во употреба мостот „Беласица“ кај Ист Гејт, но само ако се направат детални испитувања веднаш. Иако Данела Арсовска тврдеше дека мостот може да биде пуштен наскоро, градежниците велат дека тоа во никој случај не може да се случи без детална анализа. Деканот од градежниот факулетет детално низ слајдови ја опиша конструкцијата на мосот, од каде можеше да се види дека работата е многу сериозна, а не паушална како што периодов кружеле информации во јавноста. За Горан Марковски, самите процедури се долги, доека работењето на санацијата би била пократка.



  • Не сакам да шпекулирам, но можам да кажам дека потребни се три до четири месеци интензивна и високостручна работа за утврдување на состојбата, а ако е потребна негова санација треба уште повеќе за да се изработи проект, а дури потоа да се санира, рече деканот.

Претходно, Данела Арсовска тврдеше дека мосот само што не бил пуштен. Градоначалничката на Скопје истакна дека според прелиминарните резултати, мостот може да биде пуштен за пешаци и велосипедисти, по една лента.

  • – За 20 дена се очекува да заврши експертизата и тогаш ќе се знае подетално каква интервенција треба, рече денеска Арсовска.

Според деканот на Градежен, многу е важно да се провери во каква состојба се носечките кабли, заедно со целата конструкција, зашто за време на пожарот се развила висока температура, чии првични проценки се дека била над 1.000 степени Целзиусови, што претставува топење на металот.

Мостот во близина на Железничката станица е затворен за сообраќај речиси два месеци, откако пожар го зафати на 12 мај. Пожарот ги зафати цевководите од долниот дел на мостот, низ кои поминува ситемот за греење од Топлификација.

Инаку, надлежните институции во повеќе наврати апелираа до граѓаните да не го користат мостот, но забраната за движење, поради кратење, не се почитува.