Западните земји ќе се изложат на „колосални ризици“ доколку на Украина и достават борбени авиони Ф-16, ја цитира руската новинска агенција ТАСС денеска заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Александар Грушко.
Грушко одговараше на прашање за импликациите од испраќањето млазни авиони, кои Украина ги бара од земјите-членки на НАТО.
Американскиот претседател Џо Бајден вчера им кажа на лидерите на земјите членки на Г7 дека Вашингтон ги поддржува програмите за обука на украински пилоти на авиони Ф-16, изјавија високи американски претставници.
„Гледаме дека западните земји сè уште се придржуваат до сценариото за ескалација. Тоа вклучува колосални ризици за нив“, рече Грушко.
„Во секој случај, тоа ќе биде земено предвид во сите наши планови и ги имаме сите потребни средства за да ги постигнеме целите што си ги поставивме“, додаде тој.







