Заменик министерот за надворешни работи на Русија вели дека секоја влада која се води од националните интереси нема да прави политички харакири со воведување санкции кон Русија.
За време на посетата на Белград, Александар Грушко се сретна со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, како и со министрите за надворешни и внатрешни работи, Никола Селаковиќ и Александар Вулин. Целта на неговата посета била да се консултира со раководството на Србија, јави Б92.
На прашањето дали Русија може да разбере дали Србија треба да воведе санкции кон Русија, тој рече:
„Би бил нечесен ако кажам дека ќе бидеме рамнодушни кон Србија да ни воведе санкции. Секако дека би биле разочарани. Но, ако зборуваме за принципиелниот пристап на Русија кон прашањата кои се особено важни за Србија, нашата позиција никогаш не се промени“.
„Кога Западот воведува санкции против нас, тие всушност воведуваат санкции против себе. Сите знаат за тажната состојба во енергетскиот сектор, дури и во сферата на безбедноста на храната. Ова е токму резултат на санкциите кои ја влошија и онака критичната состојба како резултат на пандемијата. И сега Западот страда поради тоа.
Затоа приклучувањето кон санкциите, велам теоретски, е воведување санкции против самиот себе. Тргнуваме од тоа дека секоја влада која се води од националните интереси и не попушта под притисоци, нема да прави вакво политичко харакири“, заклучува Грушко.






