Русија до кабинетот на украинскиот претседател Владимир Зеленски упатила ултиматум дека, ако не биде договорено предавање на челичарницата „Азовстал“ во Мариупол, таа ќе биде срамнета со земја со вакуумски бомби, објави Б92.



„Сите ќе бидат живи закопани, а Зеленски има избор што ќе направи“, се наведува во рускиот извештај.

Рокот за предавање истече без позитивен одговор од Киев. Напротив, оттаму забранија да се преговара за предавање и издадоа наредба да се пука на секој што сака да се предаде, изјави портпаролот на руското Министерство за одбрана, Игор Конашенков. Според него, во металуршкиот комбинат заедно со украинските сили се блокирани и околу 400 странски платеници, мнозинството од нив европски државјани, но и на Канада.

Украинските сили во Мариупол ќе продолжат да се борат, најави и советникот на градоначалникот на градот на брегот на Азовско Море, Петро Андрјушченко.

Руската армија во септември 2007 година се пофали со успешен тест на вакуумска бомба, позната и како термобарско оружје, наводно четири пати посилна од американската, која според разорната моќ може да се спореди со атомската бомба, но не ја загадува околината. Таа предизвикува голем ударен бран, кој во епицентарот создава целосен вакуум, кој не може да го преживее ниту едно живо суштество, бидејќи го „вшмукува“ целиот кислород и создава огромен притисок. Местото на експлозијата личи на површината на Месечината.