Москва претпоставува дека името ќе се разгледува во Советот за Безбедност

Шефот на мисијата на Русија во ОБСЕ претпоставува дека прашањето за името на Македонија ќе биде разгледувано од Советот за безбедност на Обединетите Нации согласно параграфот 3 од Резолуцијата на Советот за безбедбост 845.



“Одлуката за името Македонија треба да биде базирана на правни основи, која во исто време нема да го дели општеството. Претпоставуваме дека прашањето за именување на Република Македонија ќе биде разгледувано од Советот за безбедност во согласност со Резолуцијата 845 на Советот за Безбедност, параграф 3”, напиша на Твитер шефот на мисијата на Руската федерација во седиштето на ОБСЕ во Виена Александар Лукашевич.

Според Русија македонските власти не реагирале соодветно на резултатот на референдумот за промена на името и го обвини западот дека перманентно од 2016 година се меша во внатрешните работи на Македонија.

Изјавата на Лукашевич набљудувачите ја сметаат за директен обид Москва да ја спречи Преспанската спогодба и влезот на Македонија во НАТО.