Британецот Николас Морли, кој во 2007 година предизвика сообраќајка во Македонија во која загина возрасна брачна двојка во друг автомобил, ги искара медиумите што потсетија на тој настан при известувањето за налогот за негово апсење од суд во САД за намерно оштетување уметничка слика вредна 3 милиони долари во галерија во Аспен.
„Жално е што печатот се обиде да го вовлече несреќниот инцидент во Македонија од пред 10 години. Таа несреќа е ирелевантна денес и не треба да се користи за сензационализација (sic) на напис во кој се споменува моето име. Јас сум семеен човек, со ново бебе, кој се обидува да води тивок живот“, се вели во неговата писмена изјава за британскиот весник „Д тајмс оф Лондон“.
Денес 40-годишниот Морли, кој за делото во САД за кое се сомничи се соочува со казна затвор меѓу 12 и 18 месеци, пред 11 години помина 40 дена во притвор во Македонија и подоцна беше обвинет за „предизвикување опасност во сообраќајот со смртни последици“. За тоа беше осуден на двегодишна условна казна затвор, по што му беше дозволено да се врати во Англија.
Тешката сообраќајна несреќа Британецот ја предизвика на магистралниот пат Струга – Ќафасан како учесник во релито „Гамбол 3.000“ од Лондон до Истанбул и назад, возејќи со брзина поголема од 101 км/ч од дозволената, при тоа убивајќи ја брачната двојка Чепуњоски од Струга.





