Момировски: Колку и за која вакцина Заев уплатил аванс

Новинарот на ТВ Алфа Горан Момировски во емисијата “Заспиј ако можеш” прашува за која вакцина и колкави пари македонската влада платила како аванс уште во декември минатата година.



Момировски се повикува на изјава на премиерот која ја објавиле медиумите а која досега не е соодветно објаснета од страна на владата.

Според изјавата на премиерот пред нова година платен е аванс за 833 илјади вакцини но никој не кажува за точно колкава сума се работи ниту за кој вид вакцина се работи.

Според последните објави од владата авансот не е платен за вакцините на Фајзер-Бионтек затоа што за оваа вакцина се водат посебни преговори со производителот.

Цените на вакцините се различни и тргнуваат од неколку до десетици евра.

Според белгиската министерка за здравство како што пренесе The Economist цените по кои ЕУ ги набавува вакцините се различни што значи дека за некои вакцини дури и аванс од 30 % може да ја надмине цената на чинење на целата пратка од 833 илјади вакцини.

Во групата вакцини за чија цена зборуваше белгиската министерка не се вклучени руската и кинеската вакцина, Спутник и Синофарм кои чинат по околу 10 и околу 30 долари иако кинеските власти зборуваат и за цена од 150 долари за две дози од нивната вакцина.

Според табелата за цените на вакцините кои ги набавува ЕУ за една вакцина на Модерна набавувачите можат да набават речиси 10 вакцини од Астра Зенека/Охсфорд.

Поради ваквите дискрепанци во цените но и рекордната висока позиција на Макеодонија на табелата на најкорумпирани земји во светот на Транспаренси интернешенел, новинарот предупредува дека Владата мора да биде транспарентна во активностите за набавка на вакцини а надлежните институции да ги проверат наводите за можна корупција при набавка на вакцините.

Поради нејаснотиите Момировски бара одговор од владата но и реакција од вицепремиерот за антикорупција Љупчо Николовски, Антикорупциската комисија, Јавното обвинителство и одделот за организиран криминал во МВР.

Премиерот Заев предходно одби да добие бесплатно 8000 вакцини од Србија и најави дека ќе ги плати затоа што според него “Македонија имала пари”.