Молк за премиерот, Шеќеринска со времен сертификат, Спасовски чека

Кабинетот на премиерот Заев денеска за разлика од неговите колеги во владата не го открива својот статус во однос на безбедносниот сертификат од НАТО.



Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, има времен НАТО безбедносен сертификат, но во завршна фаза е процедурата за издавање нов НАТО сертификат, изјавиле за Плусинфо од Министерството за одбрана (МО).

– Министерката за одбрана има времен НАТО безбедносен сертификат со кој учествува на сите состаноци на Северноатлантскиот Совет во формат на министри за одбрана и има пристап до сите информации неопходни за министер за одбрана на земја членка на НАТО. Во завршна фаза е процедурата за издавање нов НАТО безбедносен сертификат – објаснуваат од МО за порталот.

ВМРО-ДПМНЕ вчера и завчера го постави прашањето за двајца министри, првиот човек на МВР, Оливер Спасовски, и на правда, Бојан Маричиќ, кои не поседуваат безбедносен НАТО сертификат, а денеска, преку ново партиско соопштение беше наведено дека и други функционери не го добиле сертификатот.

Спасовски негира дека не добил НАТО сертификат но тврди дека има само национален безбедносен сертрификат од највисоко ниво на доверливост во државата и дека во тек е постапката на добивањето на НАТО безбедносниот сертификат. Од владата тврдат дека министерот Маричиќ воопшто и нема потреба од таков сертификат.

Инаку, најголем дел од функционерите кои треба да добијат сертификати од НАТО се вработени во Министерството за одбрана, односно во Армијата на Република Северна Македонија и во Министерството за надворешни работи. Таков сертификат им следува и на оние лица кои учествуваат во нашата делегација во НАТО, односно работат на прашањата поврзани со НАТО, а тука влегуваат и безбедносните и разузнавачките структури пишува плусинфо.мк.