По информацијата во дел од медиумите дека ќе биде распишан оглас за вработување на 800 лица во јавната администрација, од кои 640 етнички Албанци, од Агенцијата за администрација за Плусинфо тврдат дека досега нема добиено барање за објавување јавен оглас.
Агенцијата за администрација го нема тој податок од причина што секоја институција сама ги планира своите вработувања преку Годишен план за вработување, за кој позитивно мислење дава МИОА – велат од Агенцијата за Плусинфо
Министерството за информатичко општество и администрација кое дава мислење за новите вработувања и Владата на прашањата на Плусинфо иако ветија сѐ уште ниту ја демантираа, ниту, пак, ја потврдија информацијата.
Од Министерството за политички систем, пак, тврдат дека станува збор за лажна информација и затоа , велат, немаат што да коментираат околку наводниот оглас.
Информацијата за вработување 800 нови административци по етнички клуч ја објави весникот „Лајм“ а ја доби од свои извори во ДУИ.




