Молк од Влада: Кој ќе го добие милионскиот тендер за универзален добавувач на струја?

Кој ќе го добие вносниот бизнис со продажба на струја на над 800 илјади домаќинста и мали потрошувачи, ќе се знае на крајот на јануари. Една австриска, една грчка и една домашна државна компанија се во трка за нов универзален снабдувач, кој во следните пет години со струја ќе ги снабдува домаќинствата и малите потрошувачи, пренесе ТВ24. Инаку, трката почна викендов, кога владата ги отвори понудите на досегашниот снабдувач ЕВН Хоум, ЕДС и ЕСМ продажба.



Ако на електронското наддавање кое ќе се одржи до крајот на јануари, се постигне посника маржа од сегашната, можно е цената на струјата од 1 јули да поевтини. Досегашниот снабдувач ЕВН Хоум и државната ЕСМ Продажба во старт понудија за 0,1 процентен поен пониска маржа од сегашната, која изнесува 11,5%. Нешто повисока е понудата на грчки ЕДС, кој бара маржа од 11,45%. Освен тоа дека фирмите треба да имаат работен капитал од 40 милиони евра, кои се другите услови за квалификација на јавното наддавање, Владата не открива.

– После евалуацијата на економско-финансиската и на техничката способност на понудувачите, економските оператори чии понуди ги исполнуваат условите согласно критериумите наведени во тендерската документација, ќе бидат поканети да учествуваат на негативно наддавање преку електронска аукција, пришто како почетна вредност ќе се земе најниската од понудените маржи на економските оператори чии понуди ги исполнуваат условите согласно критериумите наведени во тендерската документација.

ЕВН Хоум, дел од австриската ЕВН која на македонскиот пазар со струја е веќе две децении, досега беше едиствениот универзален снабдувач со струја. Откако државните електрани, кои на универзалниот снабдувач му ја обезбедуваат 95 отсто од струјата, во ланската криза добија поголеми надлежности, сега, преку својата подружница ЕСМ Продажба ќе се обидат да го комплетираат бизнисот со струја и преку снабдувањето на домаќинствата и малите потрошувачи.

Грчката ЕДС е дел од државната компанија за електрична енергија ПиПиСи, која го доби тендерот за изградба на Чебрен, па се откажа од него. Грците оваа компанија ја купија од домашниот бизнисмен Кочо Анѓушев, веднаш откако тој стана вицепремиер во владата на Зоран Заев. Заедно со ЕДС, на повик се пријави и компанијата Пан Интертрејд, која во Србија е во процес на ликвидација, а нејзината македонска фирма работи само со еден вработен и има годишен обрт од петстотини илјади евра.