Молк од Министерството за надворешни работи по информациите за одбиениот предлог Теута Арифи да биде амбасадор на Македонија во Турција, објавува Канал 5 од каде побарале официјален став од МНР и лично од поранешната градоначалничка на Тетово, но не доби одговор дали е точно дека по Вашингтон и Брисел, и Анкара не одобрила агреман за неа.



Повикувајќи се на сигурни извори, весникот Коха пишува дека Владата и МНР имале трет обид да ја испратат Теута Арифи во дипломатска мисија, но наводно добиле експресен одговор од Турција- дека акредитивните писма на амбасадорот нема да бидат одобрени.

Пред само два дена медиумите пишуваа дека Арифи не го помина филтерот на Европската Унија за амбасадор во Брисел, но по неколку часа се огласија од МНР од каде демантираа и кажаа дека се работело за шпекулација.

Нивното образложение е дека Македонија досега воопшто не испратила предлог до ЕУ за да добие агреман, бидејќи се уште немало усогласено решение.

Чидерот на ДУИ Али Ахмети пред еден месец потврди дека Арифи е предлог за амбасадор, бранејќи ја пред медиумите дека неговата сопартијка има долгогодишно искуство и може да помогне во дипломатијата.