Среде оспорувањето на македонската самобитност на патот кон Европската унија, пласманот на Европското првенство во фудбал го (на)прави спротивното – светска промоција на Македонија и на Македонците.
Една поинаква унија од ЕУ, Унијата на европски фудбалски асоцијации (УЕФА), зборува за Македонци, а американската спортска ТВ-мрежа И-Ес-Пи-Ен за Македонија.
„Зачувајте ги датумите, Македонци! Вашата кампања во групата Ц започнува против Австрија на 13 јуни во Букурешт, кој е местото и за судирот со Украина четири дена подоцна, пред да се соочите со шампионот од 1988 година, Холандија, во Амстердам во понеделник 21 јуни“, стои на вебстраницата на УЕФА под фотографијата од радоста на Горан Пандев по постигнувањето на победничкиот гол против Грузија.
Во студиото на И-Ес-Пи-Ен, пак, за идентификување на гостинскиот состав во Тбилиси се употреби македонското државно знаме и името Македонија, без Северна.






