Вистинска бура предизвика одлуката на Дисциплинската комисија на Македонскиот олимписки комитет да му изрече на ракометарот Борко Ристовски забрана за вршење работа во олимпискиот спорт во траење од четири години поради „изнесени лаги, клевети и невистини“ за претседателот на МОК, Даниел Димевски.
Според Комисијата, голманот на Вардар и поранешен долгогодишен репрезентативец на Македонија тоа го направил како претставник на политичка партија (ВМРО-ДПМНЕ – н.з.) во емисијата „За или против“, емитувана на 2 март (на ТВ Алфа – н.з).
„Дисциплинската комисија како отежнителни околности ги зема предвид следните околности: обвинетиот покажува особена одлучност и безобѕирност, не се покајал и и јавно не се извинил спрема претседателот на Олимписки комитет на Северна Македонија, врши политичка пропаганда, во континуитет настапува клеветнички и спрема други спортисти и спортски федерации“, стои во соопштението на МОК.
Ристовски не остана должен и реагира со објава на Инстаграм.
„Во Северна вукоеб… сè е можно!! Ама не со мене!! Допрва ќе плачете, криминалци!!“, порача чуварот на мрежата на „црвено-црните“, познат и по прекарот „министер за одбрана“ за придонесот за историското петто место на Македонија на Европското првенство 2012 во Србија.







