Државниот празник 11 Октомври не случајно е избран за промоција на хитот во најава „Мојата Македонија“ на Давид Темелков, кој десетина години со успех гради музичка кариера во Хрватска, но со еднаков жар се труди да биде присутен и на македонската естрада.
Како вљубеник во својата татковина, поп-пејачот се определи токму за Денот на народното востание на македонскиот народ за да го сподели со своите обожаватели напливот на емоции при составувањето на стиховите пред пет години, кои никого не оставаат рамнодушен.
Покрај текстот, Темелков е автор и на музиката, како и на видеото со снимки од Бигорскиот манастир, од Кокино, од Старата скопска чаршија и од други култни локации по кои се препознаваат и гордеат Македонија и нејзиниот народ.
Давид, кој блесна во второто издание на регионалното талент-шоу „Икс фактор“ во Белград, по што во соработка со Тони Цетински и со текстописецот Мирослав Рус си го пробиваше патот кон врвот на музичката сцена во Хрватска, во јуни се ожени со хрватската водителка Елена Јунг, правејќи свадба во – Македонија.






