Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, се сретна со двајцата новоизбрани „дипломати за дијаспора”, Никола Ѓорчев и Семра Рамадани, пред нивното упатување во Њујорк и во Осло.
„Донесов ваква одлука, за назначување и испраќање посебни дипломати, врз основа на добиените сигнали, преку се позачестените контакти што ги имав со дијаспората, дека МНР мора да ги засили своите капацитети во амбасадите.
Целта на овој проект е овие дипломати да придонесат за засилување на врските меѓу дијаспората и татковината и да развиваат мрежи што ќе овозможат подобар увид во потребите на нашите иселеници, како и да ги охрабрува за директни инвестиции во земјата и зголемена економска соработка“, напиша Османи на Фејсбук, промовирајќи го, како што вели, новиот проект „дипломати за дијаспора“.
Дипломатите за грижа за дијаспората, како што посочува министерот, ќе работат во насока на поголема политичка вклученост и остварување на граѓанските и социјалните права на дијаспората, во функција на градење доверба и воспоставување ефективна соработка со државата, пренесе 360 степани.






