Македонското МНР вечерва потврди дека еден вработен во Министерството, кој во моментов е упатен во нашата Мисија во ОБСЕ во Виена, е притворен во Република Србија на 27 август 2021 година.



Според весникот Коха станува збор за Миле Миленковски кој е заменик-шеф на македонската мисија во седиштето на ОБСЕ во главниот град на Австрија.

„Министерството за надворешни работи на Република Србија официјално ја известило Амбасадата на Македонија во Белград. Според известувањето, надлежниот суд во Србија определил екстрадиционен притвор по основа на меѓународна потерница за дело за кое се товари дека го сторил за време на негово приватно патување во странство“, информираат од МНР.

Работниот однос на притворениот вработен, според МНР, ќе му биде во мирување сѐ додека случајот не биде разрешен.