МНР: По инцидентот во Косово, 7 македонски државјани се враќаат во Македонија

Седум македонски државјани кои вчера биле во во хотел во близина на селото Бањска на северот на Косово каде имаше вооружен напад, утрово се враќаат во Македонија, соопшти МНР.



„По извршеното интервју и анализа од страна на полицијата на Република Косово, утрово нашите државјани безбедно се упатени кон дома, придружувани од косовската полиција, соопшти МНР.„Околностите во кои тие се најдоа беа сложени, имајќи предвид дека беа сместени во хотел, во непосредна близина каде се случи вооружениот напад врз полицијата. Во текот на вчерашниот ден косовската полиција беше веднаш соодветно известена за оваа ситуација по редовните канали, а јас лично разговарав и со мојата колешка Доника Гервала – Шварц“,вели министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Низ целиот процес, додава Османи, косовските служби ја гарантираа безбедноста на нашите државјани, а нашата амбасада во Приштина беше во постојан контакт со нив.

Од МНР синоќа рекоа дека нашата Амбасадата во Приштина е во комуникација со претставници на Министерството за внатрешни работи на Косово, како и во директна комуникација со македонските граѓани. Косовската полиција го обезбедуваше хотелот каде беа сместени македонските државјани, а од МНР рекоа дека претставниците на Амбасадата остануваат во постојана и директна комуникација со нашите државјани и косовската полиција сѐ до целосно завршување на нивниот трансфер.