Ден по изјавата на Красимир Каракачанов, МНР излезе со соопштение во кое не ги потврдува тезите за постоење на Анекс договор од 12 точки што Бугарија, според бугарскиот вицепремиер, и го предлага на Македонија како услов за деблокирање на евроинтегративниот процес.
Според Каракачанов, 12-те точки и анексот Димитров и Османи го имале уште во ноември, но Димитров воопшто не сакал да зборува за овие точки.
Министерот Османи во интервју за радио Слободна Европа потврди дека идентитетските прашања се ставени на маса, но за нив македонската страна не преговара. Сепак потенцира дека се бараат креативни решенија кои ќе бидат прифатливи за двете страни.
Во соопштението на МНР се нотира дека Македонија и Бугарија често споделуваат свои предлози и видувања во кои ги посочуваат и објаснуваат нивните позиции, а последна велат била комуникацијата на шефот на македонската дипломатија Османи со бугарската министерка Захариева, каде било договорено во текот на следните денови да се разменат предлози од двете страни за Акцискиот план.
„Последен од низата е Акцискиот план за спроведување на обврските од Договорот за пријателство од 2017 година, кој е предлог од наша страна, a за кој очекуваме овие денови да добиеме одговор и/или предлог забелешки и предлози од страна на Република Бугарија“, соопштуваат од МНР.






