МНР му дава 24 часа на ВМРО-ДПМНЕ да се извини!

“Почитувани, изминаа 24 часа откако беа демантирани грубите лаги од страна на ВМРО – ДПМНЕ, пласирани за време на празници, а партијата сѐ уште не испрати извинување. Како поука за понатаму, за партија која е фатена на дело како лаже, оставаме уште 24 часа да се извини, се вели во соопштение на Министерството за надворешни ртаботи.



Претходно, министерот за надворешни работи Бујар Османи реагираше со контраобвинување на обвинувањето од ВМРО-ДПМНЕ дека на прес-конференцијата по средбата со шпанскиот колега Хосе Мануел Албарез Буено во петокот се обрати и на албански јазик, прекршувајќи го Уставот, според кој во меѓународната комуникација на државата службен јазик е исклучиво македонскиот.

Од МНР велат дека „со тоа, станува очигледно дека обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ преставуваат свесен обид за внесување меѓуетнички тензии и раздор во општеството, што може да се потврди и од вордингот и тајмингот на самата манипулација пласирана од ВМРО-ДПМНЕ.

Фактот што обидот за манипулација на јавноста беше направен за време на празници, претставува дополнителна навреда кон граѓаните на земјава, за што и очекуваме извинување.

Како одамна воспоставена пракса Министерот се обраќа на ист начин од почетокот на мандатот како министер за надворешни работи последните три години, како и претходно две години како Вицепремиер за европски прашања; на јавните настапи пред домашната јавност Министерот се обраќа на двата службени јазици, што е видливо и од самиот видео запис (подолу), при што за медиумите секогаш е обезбеден и соодветен превод, согласно Уставот и Законот за примена на јазиците“, соопштија од МНР.