МНР ќе потроши речиси милион евра за изнајмување автомобили, Ковачевски не гледа ништо спорно

Премиерот не гледа ништо спорно во сумата која МНР ќе ја потроши за изнајмување возила. Наместо конкретен одговор дали е претерано да се потрошат речиси милион евра за изнајмување автомобили за самитот на ОБСЕ, Премиерот се оправда дека МНР нема да ги купува возилата, туку само ќе ги изнајми.
– Ќе бидат искористени сите возила коишто ги исполнуваат стандардите на ОБСЕ во однос на организирање на ваква меѓународна конференција, а коишто ги користат во моментов државните институции. Со оглед на тоа дека има недостиг на такви возила за потребниот период, Министерството за надворешни работи имаше отворено постапка којашто е спроведена согласно законите и во рамките на тој лимит ќе биде искористено за изнајмување, а не за набавка на возила за делегациите коишто ќе доаѓаат“, вели Ковачевски.
За потребите на самитот на ОБСЕ, МНР склучи договор во вредност од 960.000 евра со компанијата „АБЦ рент а кар“ . Според истиот ќе се изнајмат 175 возила со многу специфични карактеристики, меѓу кои се 35 ВИП возила задолжително во црна боја, 70 автомбили од средна класа, 35 треба да бидат миниван, 25 минибуси и 10 автобуси.