Министерството за надворешни работи ќе упати писмо до Европскиот парламент во кое ќе информира за недоличното и навредливо однесување на бугарскиот европратеник, Александар Јорданов на социјалните мрежи.
Јорданов, поранешен бугарски амбасадор во Скопје, упати навреди како „црвени ѓубриња“, „титоисти“, „србомански измет“ и „одродени Бугари“, за Македонците, македонските власти за државата Македонија незадоволен од според него, „скандалозното однесување на македонската гранична полиција на границата меѓу Бугарија и Северна Македонија, како и уште поодвратното однесување на македонската политичка елита и македонските граѓани во Скопје во врска со прославата на годишнината од раѓањето на националниот херој од Бугарија, Гоце Делчев“.
Од МНР оценуваат дека вчерашното чествувањето на 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев помина во најдобар ред и без нарушување на јавниот ред и мир, со овозможен пристап на бројни официјални и граѓански делегации од Македонија, вклучително и на официјалната делегација на Република Бугарија и на бугарски граѓани, да му оддадат почит на великанот.
„Сепак, со жалење, констатираме дека радикални поединци, претставници на организации и политички партии во Бугарија продолжуваат да изразуваат територијални претензии кон Република Северна Македонија и континуирано го нарушуваат достоинството на македонските граѓани, македонскиот народ и нашата држава“ се вели во соопштението од Мнистерството за надворешни работи на Македонија.
Укажуваме дека во согласност со Уставот на Република Северна Македонија и законите, како и на меѓународното право, надлежните институции на Северна Македонија се должни и ги преземат сите неопходни мерки да се спречат провокации, тензии и инциденти кои можат да ја загрозат националната безбедност, јавниот ред, здравјето на луѓето и меѓународните односи на државата.
Согласно со утврдените протоколи за работа, и стандардите на ЕУ за безбедно управување со границите, дел од овие лица кои го нарушија јавниот ред и мир од поголем обем, беа приведени и изведени пред надлежен суд кој изрече соодветни мерки“.
МНР ги демантира наводите дека со Република Бугарија било договорено заедничко чествување на Гоце Делчев.
Демерџиев: Скопје откажа заедничко чествување на Делчев
„Потсетуваме дека една од задачите на заедничката експертска комисија за историско – образовни прашања, формирана согласно Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, е да изготви препораки за заедничко чествување на историски личности. До овој момент, заедничката комисија нема изготвено препорака за заедничко чествување на Гоце Делчев.
Истовремено, на официјалната бугарска делегација предводена од вице-премиерот и министер за внатрешни работи Иван Демерџиев, како искрен и последователен гест ѝ беше овозможено непречено да положи цвеќе пред гробот на Гоце Делчев во црквата Свети Спасво Скопје.
Република Северна Македонија во континуитет негува добрососедски односи и се залага за воспоставување на одржливи пријателски односи и продуктивна соработка со сите соседни држави, вклучувајќи ја и Република Бугарија. Во склад со овие определби, очекуваме од властите во Република Бугарија, во духот на пријателството и добрососедството, принципиелно да се заложат и да ги преземат сите неопходни дејства за деескалација на тензиите преку јавна осуда и преземање мерки против сите дејства кои не придонесуваат за водење на конструктивен и добронамерен дијалог базиран на меѓусебно уважување и почитување“, соопшти МНР.







