Мнозинството Словаци посакуваат Русија да ја добие војната со Украина

Повеќе од половина од Словаците би поздравиле воена победа на Русија над Украина, покажа ново истражување на јавното мислење објавено во средата.



Репрезентативната анкета наречена „Како си Словачка?“ е спроведена од агенциите MNFORCE и Seesame и Словачката академија на науките.

Анкетираните требаше да одговорат во истражувањето користејќи скала од 10 поени, според која 1 значи чиста победа за Русија и 10 за Украина.

Приближно една петтина од испитаниците рекле дека посакуваат чиста победа за Русија, а повеќе од половина рекле дека се наклонети кон руска победа.

Истовремено, само една третина навиваат за Украина, а 18 проценти не изразија наклонетост на ниту една од двете страни.

На партиско ниво јасно се забележуваат поделби. На пример, огромното мнозинство од гласачите на СМЕР-СД на поранешниот премиер Роберт Фицо се на руска страна. Фицо е гласен противник на антируските санкции, па дури и ја прослави годишнината од Словачкото национално востание со рускиот амбасадор. СМЕР-СД сè уште е член на Партијата на европските социјалисти (ПЕС).

Што се однесува до географските разлики, само населението на Братислава има мнозинство луѓе кои сакаат Украина да победи.

Словачка долго време е една од најпроруските земји во ЕУ, заедно со Бугарија.

Истражувањето спроведено во летото 2021 година покажа дека 55 отсто од Словаците имаат позитивно мислење за рускиот претседател Владимир Путин. Меѓу земјите од централна и источна Европа, само Бугарите мислат подобро за Путин (75 отсто).

Во февруари 2022 година, пред инвазијата, 44 отсто од луѓето ги обвинија НАТО и САД за тензиите на украинските граници, додека само 33 отсто ја обвинија Русија.

Во однос на членството во НАТО, само 45 проценти го поддржаа во истражувањето од 2021 година. Веднаш по инвазијата, поддршката се зголеми, но неодамна повторно почна да опаѓа.