Многу проблеми заради блокираниот систем на ФЗО – нема плати за вработените, доцнат лековите, неизвесност за здравственото

Дадените инструкции од Фондот за здравство до аптеките се конфузни, непрецизни и тешки за спроведување во пракса. Се паѓа на грбот на пациентите и аптеките, реагира Фармацевстката комора на Македонија и Здружението на приватни аптеки. Со ова е предвидено за сите оние за кои не постои податок за платен придонес после 05.02.2023 самите аптеки преку меил да доставуваат до Фондот име, презиме и матичен број, дали тоа лице има осигурување и целата процедура може да трае и до три дена.



Во овој миг и аптеките се во неизвесност што со оние пациенти на кои им престанало осигурувањето по 5 февруари и не може да се претпостави дали е продолжено, смета Андоноска.

„Имајќи предвид дека лековите за некои пациенти се итни и неопходни. И не се во можност да чекаат спроведување на административни процедури. Посебно е проблем за акутните рецепти, акутните лекарства и наркотиката. Посебно е проблем дека Фондот мисли ова да се прави во тек на работно време и во работни денови, што со оној лек кога станува збор за акутен рецепт кој е издаден во петок после пладне  кога најбрз одговор аптеката ќе добие во понеделник, а веќе во понеделник тој рецепт е невалиден бидејќи има важност три дена“ – вели Џоана Андоноска, претседателка на здружението на приватни аптеки.

Според Дервишова – Чолакава, претседател на Здружението на приватни лекари рецептите, упатите и прегледите се одвиваат безпрекорно и немаат проблем со проверка на осигурување, затоа што дел од програмот е поврзан со Мој термин кој го одржува сосема друга фирма.

Никаква комуникација со надлежните институции во услови кога поради блокираниот систем на ФЗО не може да им биде префрлена на сметка јануарската плата, реагираат медицинските работници на денешниот протест во Клинички центар.

„Револтира тоа што воопшто не сме исконтактирани од нашите претпоставени да ни кажат каде е проблемот зошто не е исплатена платата. Ние ниту од Фондот немаме ниту информација како ќе се пресметува ниту кога ќе биде исплатена платата. Ние чесно си ја заработуваме платата и имаме издатоци кои треба да ги сервисираме. Револтира односот на здравствените власти кон нас“ – порачува детскиот хирург д-р Лазо Јовчески.

Додека надлежнитте институции го решаваат проблемот, медицинските работници и пациентите чекаат одговор, двајцата директори на  Фондот за здравство се уште не одговараат на телефонските повици и пораки.