„Недозволиво и незамисливо е на лица со окрвавени раце за воено злосторство, како што се припадниците и раководството на ОНА, за кои има и сѐ уште незавршени судски предмети, да им се подигаат споменици. Од друга страна, да се пројавува незаинтересираност, или негрижа за спомениците на вистинските македонски револуционери и херои, кои се вградиле себеси во независната и слободна македонска држава.“ – вели Менде Младеновски во својот коментар со наслов „(Не)грижата за вистинските херои“, кој го објави весникот „Нова Македонија“.
Младеновски пишува; „Во период кога не стивнуваат реакциите и фрустрациите кај граѓаните и јавноста по дивоградбата во Слупчане во вид на споменик на борците на ОНА, чие место е повеќе пред Судот за воени злосторства, како терористи што ги окрвавиле рацете, време е да се запрашаме: каков е нашиот однос кон вистинските борци и револуционери, вистинските македонски великани, кои што ги вградиле своите животи во темелите на (не)зависна суверена и самостојна држава Македонија?“
„Не само блиското туку и подалечното минато нѐ учи дека кога станува збор за односот на државата кон своите револуционери и херои, кои во многувековната историја ги дале своите животи за Македонија, не можеме многу да се пофалиме. И во однос на подигањето и одржувањето на спомениците на овие македонски херои и во однос на заслужено оддавање почит кон нивниот лик и дело. И во двата сегмента како да затајуваме, како држава и општество, или покажуваме необјаснива незаинтересираност, па дури и негрижа. Има редица примери за ова.“
„ Можеби најеклатантен е случајот со (не)подигнувањето на споменикот на војводата Александар Турунџев. Кога пред неколку години Советот на Битола ја усвои одлуката да му се подигне споменик на Турунџев на Ат-пазар, каде што во 1905 година беше обесен, најголемиот број битолчани се израдуваа, оти конечно на овој војвода ќе му се подигне спомен-обележје. Споменикот беше изработен, но, сепак повеќе од шест години е оставен да пропаѓа во дворот на Општината.“
„Турунџев сѐ уште чека општинските служби да се сетат на него и да го постават на местото каде што требаше да биде подигнат на Ат-пазар. ‘Имам чувство дека го обесија по вторпат мојот прадедо Александар во Битола. Оти некој без суд повторно му пресудува, или како некој повторно да ја преиспитува улогата на мојот прадедо пред и по Илинден.’ – изјави во една пригода Сузана Турунџиева, правнуката на војводата Турунџев.“
.
„Негрижа и пропаѓање на бистите на редица истакнати македонски херои и великани има и во други градови во државата. Со таков однос кон нашите борци, револуционери и херои Македонија самата си пука во нога. Грижата за спомениците и негувањето на ликот и делото на македонските херои треба да бидат постојани. Во секоја можна пригода треба да се истакнуваат нивната улога и значење за македонскиот народ и македонската држава. Само со таков однос ќе се оддаде вистинска почит кон нивното дело и нема да се дозволи да се промовираат и наметнуваат некои други ликови, кои не поминуваат кај македонската јавност и кај граѓаните.“
„Македонските граѓани и историјата добро знаат и паметат кој ја бранел и ја градел државата, а кој ја напаѓал и уривал. Недозволиво и незамисливо е на лица со окрвавени раце за воено злосторство, како што се припадниците и раководството на ОНА, за кои има и сѐ уште незавршени судски предмети, да им се подигаат споменици. Од друга страна, да се манифестира незаинтересираност или негрижа за спомениците на вистинските македонски револуционери и херои, кои се вградиле себеси за независна и слободна македонска држава.“ – заклучува Менде Младеновски во својот коментар.
Интернет-врска до целиот коментар:
https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/nas-stav/negrizhata-za-vistinskite-heroi/





