„Ламбата на Ламбе светна да ни го покаже вистинскиот пат. Но не само нам, на Македонците и на сите што живееме овде, во Македонија, туку да им го покаже вистинскиот пат на Бугарите, кои залутале низ темните дамари на историјата. И се загубиле. И ним им треба светлина на светилник што ќе им покаже каде да појдат и зад нив да ги остават мракот на минатото и грешните патишта по кои оделе низ темната им историја.“ – вели новинарот Менде Младеновски во својата колумна со наслов „Ламбата на Ламбе, вторпат“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Младеновски пишува: „Токму пламенот што го запали Ламбе Алабаковски неодамна во Битола, кога ја потпали влезната врата на бугарскиот културен центар ‘Ванчо Михајлов’ светна како некогашните ламби во светилниците, кои им го покажувале исправниот пат на морепловците, на грешните души што лутаат. Така и ламбата на Ламбе светна да ни го покаже вистинскиот пат.“
„Но не само нам, на Македонците и на сите што живееме овде, во Македонија, туку да им го покаже вистинскиот пат на Бугарите, кои залутале низ темните дамари на историјата. И се загубиле. И ним им треба светлина на светилник, што ќе им покаже каде да појдат и зад нив да ги остават мракот на минатото и грешните патишта, по кои оделе низ темната им историја.“
„Таман Ламбе ѝ се врати на естрадата и љубителите на неговата песна почнаа да уживаат во неговите интерпретации, како бомба одекна шумот дека Ламбе е ‘светиот и најсветол современ гемиџија’. Колективните емоции зовреа! На Ламбе почнаа да му честитаат илјадници Македонци од земјата и од светот преку социјалните мрежи. Својата поддршка битолчани ја искажаа и на масовниот митинг што го одржаа во центарот на градот и пред битолскиот затвор. Луѓето што го осудуваа неговиот чин на прсти можеа да се избројат.“
„Но иако пожарот што ја зафати влезната врата беше брзо локализиран и не предизвика некои големи штети, сепак, стигна дури до Софија и ја ‘запали’ политичката клима во Бугарија, која последните денови доаѓа до врвот. Битолчани веќе на шега коментираат дека пламенот од Битола не само што допре до тамошните министри, кои даваат оставки како на сериска лента, туку го зафатил и парламентот, каде што дојде до прегрупирање на пратениците од партијата на шоуменот Слави Трифонов.“
„На Ламбе не му треба политичка слава. Не му требаат ни разните приказни и величања, кои ги измислуваат инспиративните битолски мајтапчии, секојдневно пиејќи кафе на Широк сокак. Да го оставиме Ламбе со својата песна да ги осветлува и да просветлува најголемиот број граѓани, без разлика од која нација, вера и етничка припадност се. Да оставиме ламбата на Ламбе да биде и сонце и месечина и светлина за сите нас, Македонци, Бугари и кои било, на патот кон сеопштиот просперитет и благосостојба.“
Интернет-врска до целата колумна:
https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/nas-stav/lambata-na-lambe-vtorpat/





