„Општествените мрежи се дословно се преплавени со разни коментари за тоа кој е во право, или кој е виновен за воениот конфликт, што се одвива меѓу Русија и Украина. Прекуноќ сите станаа воени аналитичари или ‘историчари’, кои (нај)добро ги познаваат корените на кризата и за тоа кој е виновен. Загрижува се длабоката поларизација и вжештените страсти меѓу македонските граѓани, кои војуваат меѓу себе на социјалните мрежи.“ – вели Менде Младеновски во својата анализа со наслов „Да им се стави крај на делбите“, која ја објави весникот „Нова Македонија“
Младеновски пишува: „Наместо да се обединиме и сите заеднички да се договориме како Македонија да излезе со помалку лузни и последици, повторно се поделивме на такви што се ставија на страната на Русија, или на страната на Украина. И овој пат дојде до израз нашата вообичаена поделеност. Делбите како да станаа наша судбина.
„Откако во 1991 година на акламативно поддржаниот референдум за независнос, првпат во историјата плебисцитарно се определивме за самостојна, независна и суверена држава Република Македонија, потоа во изминатите три децении дословно се делевме по сите можни основи. Откако претходно се делевме на пројугословени или Македонци, вмровци или сдсмовци, патриоти, или предавници, за време на пандемијата се поделивме и на ваксери и антиваксери. Се изедовме меѓу себе и никако да тргнеме напред. Сега и воениот конфликт во Украина се користи како повод за нови меѓусебни поделби и кавги.“
„Крајно време е конечно да заборавиме на делбите, за да се изгради единство во државата. Случајот со Украина покажа колку малку треба да се запали огнот, кој подоцна тешко може да го изгаснат и најголемите светски сили. На Македонија како никогаш досега ѝ е потребно единство, кое ќе ја движи државата на патот кон заедничка и подобра иднина. Таму не се стигнува, ако сме поделени и раскарани.“ – заклучува Младеновски.
Интернет – врска до целата анализа:
https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/nas-stav/da-im-se-stavi-kraj-na-delbite/





