„Заостанатите и натрупани долгови кај општините се провлекуваат со години, па и со децении. Досега не е пронајдено ефикасно решение. Затоа деновиве голем број новоизбрани градоначалници, кога даваа отчет за сработеното во првите 100 дена од мандатот, најмногу зборуваа за долговите и проблемите, што ги наследиле.“ – вели Менде Младеновски во својата анализа со наслов „Нов лек за стара рана“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Младеновски пишува: „За тешката финансиска состојба во која се наоѓаат голем дел од општините деновиве предупреди и градоначалничката на Скопје и претседателка на ЗЕЛС Данела Арсовска. Таа посочи дека поради енергетската криза и презадолженоста функционирањето на голем дел од општините е сериозно загрозено. Најпогодени се малите општини, оние што немаат можност да најдат дополнителни можности, за да се справат со оваа енергетска криза. ‘Ако не се најде решение, ќе биде доведено во прашање и основното дејствување на општините.’ – предупредуваат од ЗЕЛС.“
„Ако енергетската криза потрае подолго време и ако не се најде начин да се помогне за справување со таа криза, тогаш ќе има пари само за плати на вработените и за плаќање на сметките за струја.’ – велат некои градоначалници. Високата цена на енергенсите не е единствениот проблем, со кој се соочуваат локалните власти. Тие со години мака мачат и со презадолженоста. Уште пред неколку години Владата даде 50 милиони евра за раздолжување на општините, но само неколку општини ги искористија овие средства да се раздолжат и да ги одблокираат своите жиро-сметки. Голем дел од општините не успеаја да се раздолжат и натаму се соочуваат со огромни долгови.“
„Според некои истражувања, во Македонија мал е бројот на општините што се платежно способни и кои немаат финансиски проблеми и долгови. Долга е должничката листа на општините, кои поради преголемата задолженост не можат навреме да ги исполнуваат своите обврски. Голем број од општините со децении имаат блокирани жиро-сметки и не само што не можат нормално да функционираат, туку поради натрупаните судски и извршни трошоци и камати уште повеќе се задолжуваат. Во некои општини каматите за долговите неколкукратно се поголеми од главницата.“
„Упатените велат дека 70 од вкупно 80 општини имаат доспеани, а неплатени обврски по различни основи. Одредени општини имаат блокирани сметки со години, при што се смениле и неколку гарнитури, а проблемот останал нерешен. Секој нов градоначалник за блокадата на сметките го обвинувал претходниот и така со децении. Централната и локалната власт мора да бараат начини како најбргу да се излезе од должничката криза.“
„Луѓе од бизнисот предлагаат да се реши проблемот со (пре)задолженоста на општините преку бришење на законската можност за одредување ограничувања од страна на судовите. Општините ќе преземаат обврски само онолку колку што можат да плаќаат и ќе се превенира можноста за нечие недомаќинско работење и нови задолжувања. Во одредени кругови се споменува и моделот на еврообрзница, која би ја искористиле и сервисирале општините под поволни услови. Сето тоа треба да се разгледа и да се анализира детално.“ – истакнува Младеновски во својата анализа, покрај другото.
Интернет-врска до целата анализа:
https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/nas-stav/nov-lek-za-stara-rana/





