Младеновиќ: Горанците не се чувствуваат како Бугари и успешно им одолеваат на обидите на Бугарија да ги асимилира

„Во две одделни посети на Косово Бугарија официјално побара од косовските власти признавање на постоењето на бугарското малцинство на Косово, потоа загарантирано место во советот за заедници и на крајот впишување на Бугарите како уставна категорија.“ – објави весникот „Слободен печат“, пренесувајќи ја анализата на „Еуроњуз“ за обидот за асимилација на горанската заедница и дали ќе одолеат Горанците на Косово на притисоците од Бугарија.



„Слободен печат“ пренесува: Косово минатата година го посетија потпретседателот и претседателот на Бугарија Румен Радев и потпретседателката Илијана Јотова. Јотова од јужниот дел на Косово, од Драгаш и Призрен, во февруари побара бугарската заедница, како што рече, да добие статус на национално малцинство и да биде вклучена во Уставот на Косово. Бугарскиот претседател Румен Радев го побара истото од косовската претседателка Вјоса Османи од Приштина пред неколку недели.

Во таа пригода бугарскиот претседател Румен Радев нагласи дека Софија и Приштина ги поврзува постоењето на бугарската заедница на Косово. „Тоа е мост на соработка меѓу двете земји и верувам дека ќе продолжиме да работиме на таков начин, да започнеме практични правни чекори оваа заедница слободно да го изразува својот идентитет, да ги зачува јазикот и културните традиции., рече Радев.

На тоа доби одговор дека на пописот во април секој може да се изјасни како сака. „Косово е мултиетничко и неговиот Устав вели дека е држава на Албанците и другите заедници. Затоа нема ограничувања и никој не спречува никого да се самоидентификува на која заедница ѝ припаѓа“ – рече Османи.

На југот на Косово, во Призрен, канцеларијата на Здружението за развој и интеграција на бугарската заедница ја отвори претседателот Радев.

„Овој пат ни беше дадена можност, претседател на европска земја, која го призна Косово, нашата пријателска земја Бугарија, сака да ни помогне, а што има лошо во тоа? Засега во Призрен нема Бугари. Не постојат, официјално ги нема. Неодржливо е тоа ако некој собере 500-600 потписи и да му каже некому дека е Бугарин. Официјален податок е пописот. Ако Бугарите работат на тоа, нека работат, немам ништо против, но тие имаат соработка со нас во однос на економскиот развој на Жупа.“ – рече Абаз Адеми од Здружението за развој и интеграција на бугарската заедница на Косово.

Економски најнеразвиените делови на Косово, Жупа и Гора, се претежно населени со Горанци, автохтон народ од муслиманска вероисповед, чиј јазик е архаичен словенски говор. Ги има околу 15.000. Бугарската потпретседателка Јотова изјави дека потеклото им е бугарско.

„Многу луѓе, особено од Призрен, беа испратени да студираат во Бугарија со надеж дека за време, или по нивното образование можеби ќе можат да добијат бугарска виза. Ова се причините, поради кои луѓето ги пополнуваат формуларите, со кои сакаат да студираат и да земат пасош. Во таа форма имав можност да го видам, во првата реченица пишува дека во бугарското ‘Аз’ така и така именувано ‘се бугарски проиход’, значи јас сум толку и така, со бугарско потекло. – изјави Садик Идризи, професор на Универзитетот во Призрен.

Барањата на бугарскиот претседател се за признавање на постоењето на бугарското малцинство на Косово, потоа загарантирано место во советот за заедници и на крајот Бугарите како уставна категорија. На пример, во 2017 година, на барање на Бугарија, Албанија го вклучи бугарското национално малцинство во Уставот, а причината поради која * Македонија сè уште не ги започнува преговорите со Европската унија е тоа што сè уште не го исполнила барањето од Софија да го вклучи бугарското национално малцинство во нејзиниот Устав.

Младеновиќ: Горанците не се чувствуваат како Бугари

Во изјава за Еуроњуз Србија Радивоје Младеновиќ од Институтот за српски јазик при САНУ рече дека Бугарите тие веруваат „оти планетата Земја најпрво била населена со Бугари“. Повеќе од сто години дел од бугарската државна политика и бугарската наука и лажна,наука се обидуваат да докажат дека поголемиот дел од Балканскиот Полуостров припаѓа на периферните бугарски говори. Во овој контекст е формиран многу агресивен проект, кој дејствува во Косово и Метохија, но и во внатрешноста на Србија. – рече Младеновиќ.

Зборувајќи за Горанците, тој нагласи тие не се чувствуваат како Бугари и оти повеќе би сакале да припаѓаат на посебна етнокултурна заедница. „Горанци е словенски идиом, кој во најстариот слој припаѓал на српскиот јазичен систем, меѓутоа, тоа е шарпланинска сточарска област и од јужниот дел на Шар Планина доаѓало население со различен дијалектен тип, а тоа население ја смени јазичната структура на горанскиот говор. Во овој момент горанскиот говор во својата основа е периферен западномакедонски со инфилтрација на српски карактеристики. – укажа Младеновиќ.

На прашањето кој е нивниот мотив да земат бугарско државјанство, ако не се чувствуваат како Бугари, Младеновиќ вели дека тоа е исплатливо.

„Причините се многу користољубиви: од моментот кога некој ќе земе бугарско државјанство добива бугарски пасош, со бугарски пасош може да оди во Европската унија. Тоа е суштината. Да ви дадам поинаков пример. Во романскиот Банат има група со српско потекло од католичка вероисповед. Хрватска во 90-тите им понудила хрватски пасоши, со кои потоа можеле да патуваат во Европската унија. Голем број Карашевци прифатиле хрватско државјанство од профитабилни причини. Истото тоа се случува и со луѓето од Гора.“ – вели тој.

Тој додава дека Горанците успешно ѝ одолеваат на асимилацијата. „Тоа е етнокултурна заедница која е длабоко вкоренета, која е многу упорна во својот идентитет. Гора не е целата во Косово и Метохија,  односно во Србија, туку има девет населени места во Албанија и иако беа принудени да посетуваат училишта на албански јазик од 1945 година, тие сè уште го користат горанскиот јазик во нивната меѓусебна комуникација. Што ќе се случи? Гора во моментов е главно празна. Повеќе горански деца има во Борча крај Белград, отколку во самата Гора“ – додаде тој.