Една од двете компании кои го купуваат бизнис центарот „Соравиа“ во строгиот центар на Скопје, дел од оваа зделка всушност е фирма на Дрин Ахмети, внук на Али Ахмети, лидерот на владејачката партија ДУИ, дознава МКД.МК.
Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) на 9 јуни ја објави информацијата за добиено известување дека бизнис центарот Соравиа се продава на „Тор индустрис“ ДООЕЛ Скопје и албанската компанија „Пе-вла-ку ШПК“.
Дрин Ахмети, внук од братот на Али Ахмети, Фекри, од 2020 година е сопственик на компанијата за развој на градежни проекти „Тор индустрис“.
„Пе-вла-ку“ е една од најголемите градежни компании во Албанија и Косово, основана во 2005 година.
Дрин Ахмети е косопственик и на фирмата „Еверест ЏД“ која има активна концесија за експлоатација на варовник на локалитетот „Буковиќ“ во Зајас. Оваа фирма добила пет тендери во вкупна вредност од 8 милиони денари.
За богатсвото на фамилијата Ахмети неодамна и видео објави внукот на лидерот на ДУИ, денес потпретстедател на движењето Беса, Фатмир Лимани. Во таа објава Лимани ја споменува и експлоатацијата на локалитетот Буковиќ.





