Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу во понделеник, пред Основниот граѓански суд Скопје 2 ќе докажува дека оштетените штедачи на пропаднатата „Еуростандард банка“ го навредиле и му ги нарушиле честа и угледот затоа што објавиле дека тој и брат му земале кредит од 400 илјади евра, а не го вратиле.



Тој ги тужи Петтемина основачи на Здружението на оштетени физички и правни лица на Еуростандард банка – Правда за штедачи Скопје, објави МКД.Мк.

Петар Трајков, еден од основачите на здружението за МКД.мк вели дека тужбата што ја добиле индицира дека Муслиу имал последици, откако медиумите, а по претходно добиено соопштение од здружението објавија дека тој и неговиот брат на Еуростандард банка ѝ должат околу 400 илјади евра на име на кредит кој никогаш не го вратиле.

„Во тужбата пишува дека тужителот е во тешка психичка состојба и не може да спие. Медиумските написи му нанеле голема штета на угледот. Затоа тој бара оштета од еден милион денари”, вели Трајков.

Во тужбата Муслиу се повикува на објавени текстови во медиумите во периодот од декември 2021 до јануари 2022 година како и на објави на официјалната фејсбук страница на здружението.

„Во текстот без ниту еден доказ или поткрепа на најгруб начин пред јавноста, тужителот и двете негови фирми се наведуваат со име и со презиме со тврдење дека тужителот ги злоупотребува државните органи за насилно да присвои имот во Гостивар кој наводно не бил нивен, туку бил во сопственост на Еуростандард банка. “, пишува во дел од тужбата.

Во кусиот разговор за МКД.Мк, тужителот Алберт Муслиу за МКД.мк вели дека обвинувањата на оштетените штедачи не се точни и дека до судското рочиште закажано за 28 ноември нема да дава изјави за случајот.

„Не сакам никој да помисли дека ги користам медиумите во своја полза”, изјави кратко Муслиу.