Мизо: Намалување на корупцијата, бирократијата, владеење на правото… се најбитни за странските инвеститори

Македонија како мала држава би можела да се позиционира подобро само преку креативни и конзистентни политики, сериозни анализи и професионално дејствување. Привлекувањето на странски инвеститори, како и грижата за постоечките странски инвестиции, коишто, реално многу полесно и побргу би се одлучиле за проширување на своите капацитети во земјата, треба да е фокус на професионална организација и институција која има соодветно едуциран и обучен кадар со меѓународно искуство и знаење, како што е пракса насекаде во земјите од Европа и пошироко. Статистички игри и политиканството се за домашни потреби и треба да се остават на страна во овој сегмент, вели Виктор Мизо, претседател на Совет на странски инвеститори и директор на КОСТАЛ Македонија.



Од неодамна сте на чело на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија. Како постојните инвеститори гледаат на условите за работа во земјава? Кои се најголемите проблеми и предизвици со кои се соочуваат, а за што даваат добри оценки?

Советот на странски инвеститори ги претставува компаниите со странски капитал кои се присутни и работат тука и има за цел да придонесe во подобрување на бизнис и инвестициската клима во Македонија. Тоа значи подобрување на условите за работа со кои ние како компании се соочуваме, но, исто така, и за сите други домашни компании. Иако Советот на странски инвеститори не е активно вклучен во официјалните процедури и сегменти на процесот на привлекување инвеститори, сепак, задоволството или незадоволството на компаниите од нивното работење во Македонија може да влијае врз одлуките како за реинвестирање на постоечките компании, така и на одлуките на идните потенцијални инвеститори. 

ШНепредвидливоста на економското работење е еден голем проблем со кој се соочуваат сите комании. Најнов пример за тоа е воведувањето на солидарниот данок. Постапката за донесување на Законот за данок на солидарност беше ад-хок, во втората половина на деловната 2023 година, за оданочување на добивката остварена за 2022 година, и со тоа предизвикува потешкотии во финансиското менаџирање на компаниите и, воопшто, лошо планирање на деловното работење на компаниите. Овој закон беше донесен со минимални консултации и вклученост на компаниите на кои се однесува, а за странските инвеститори предвидливоста е неопходна за позитивниот имиџ на државата во која работат и за нивните идни локални планови. Ако целта беше да се таргетираат компании кои покажаа позначително зголемување на профитот за време на Ковид пандемијата, како и во почетокот на Украинската криза, тогаш требаше сето ова да е подобро осмислено, а не да се однесува на сите компании, дури и на производствените. Тие од една страна се субвенционирaни при процесот на инвестирање за да покажат што поскоро раст, а сега и пенализирани кога оствариле поголем профит од претходниот период. Зголемувањето на профитот е логично, ако овие компании инвестирале дури и во услови на криза, и сега остваруваат успеси и креираат поголем профит заради превземање на ризик и имање на визија и договорени дополнителни нови проекти (особено во автомобилската индустрија) во кризна ситуација.

Линк до интервјуто: https://faktor.mk/mizo-namaluvanje-na-korupcijata-birokratijata-unapreduvanje-na-vladeenje-na-pravoto-se-najbitni-za-stranskite-investitori