Во текст за порталот Инфомакс новинарот Александар Митовски вели објавува дека директорот на финансиската полиција Арафат Муареми заедно со двајца екс обвинители на СЈО Гаврил Бубевски и Артан Ајро, фигуративно кажано, отвориле „тезга“ во институциите за кои работат.
Во подолг текст Митовски објавува фрапантни информации за нерегуларности кои траеле со години и за тоа никој досега не е земен на одговорност.
,Обвинителите Гаврил Бубевски, Артан Ајро и Арафат Муареми кој во 2017 работел како истражител на СЈО, а сега како Директор на Финансовата полиција, ниту еднаш не извршиле проверка на имотот, иако знаеле дека имотот на „Трансмет“ е продаден на друго лице, со што се оневозможува државата да изврши конфискација и да ја наплати штетата врз државниот буџет.
Истите обвинители кои постапувале по предметот „Труст“, се согласиле имотот кој веќе бил опфатен со времена мерка – замрзнат – да биде дел од гаранцијата со цел укинување на мерката притвор на Кочан.
Колку за илустрација, што правиме ако овој имот кој бил прифатен за гаранција со цел укинување на притворот врз Кочан, треба да се извршува – во таа ситуација кој би имал предност, судот или владата?
Да биде ситуацијата уште поинтересна, Ајро и Бубевски воопшто не се жалеле на барањето за укинување на мерката притвор, иако истата била поднесена со неважечка гаранција.
Артан Ајро, како надлежен обвинител кој според логиката на нештата би требало да извојува најголема корист за државата, го отпишал од барањето за конфискација и комплексот „Емпорио мол“ – објект од 15.000м2 во сопственост на „Трансмет“ со цел исполнување на целта на пресудата – конфискација на имот и обештетување на државниот буџет.
Кажете ми, верувате сега дека Артан Ајро, Бубевски и Арафат Муареми немале договор со Кочан да не превземаат дејстивија и да се прават слепи додека се изигрува правдата? – И јас не верувам”, пишува Митовски кој прашува ,,зошто во случајот „Труст“ не било повикано и Државното правобранителство на Р.Македонија да се произнесе дали има штета врз државата или не?
Според авторот обвинителите Артан Ајро и Гаврил Бубевски биле должни да ги превземат сите дејствија во постапката, да го запленат имотот на „Трансмет“ пред истиот да биде префрлен врз компанијата „ТВ Нова“ – комапнија која е во стечај и има стечајни побараувања кон доверителите.
Со тоа државата била оневозможена слободно да располага со имотот од 17 милиони евра, кој сега треба да го враќа на стечајните доверители.
,,Арафат Муареми, актуелен директор на финансовата полиција во 2017 година како истражител во СЈО, дали поради непрофесионалност или намерно непревземање на мерки успеал да го заштити имотот на Сеад Кочан, кој потоа го префрлил на други компании, од каде пак државата немала можност да конфискува со цел да го обештети државниот буџет.
Проблемот на Арафат Муареми е во тоа што тој бил единствено одговорен да го следи текот на имотот на Кочан во случајот „Труст“, и за тоа да ги информира обвинителите кои потоа морале да поднесат барања и да ги спречат ваквите дејствија со цел државата да не биде оштетена.
Ниту Арафат, ниту Ајро и Бубевски не го направиле тоа.
Напротив, Арафат Муареми бил и „слеп“ во моментите кога 204 возила регистрирани на „Трансмет“ биле издавани на битолска компанија да работат на ископ на јаглен во РЕК Битола. Иако, сите овие возила биле претходно конфискувани со пресуда бр.1459/17. Тогашниот истражител, а сегашен директор на Финансовата полиција морал да го пријави ова и да превземе соодветни дејствија.
Трагедијата е во тоа што, ниту директорот на Агенцијата за управување со конфискуван имот не го пријавувал ова, па и покрај тоа што МВР, поточно СВР Битла во стотина наврати пишувале прекшоци за овие возила, ниту еднаш не биле одземени и вратени во Агенцијата за управување со конфискуван имот.
Државниот правобранител дури и барал од Љупчо Николовски да формира работна група во која ќе бидат вклучени сите релевантни институции со цел да разреши оваа ситуација и да не се оштети државата.
Иако Правобранителот барал во таа Комисија да бидат вклучени претседателот на кривичниот и апелациониот суд, судиите во кривичниот совет кои одлучувале по овој предмет и во прв и втор степен, Јавниот обвинител на Р.Македонија, обвинител од ОЈОГОКК, МВР – Николовски одлучил да го игнорира неколкупати, за на крајот да ја формира оваа Комисија во состав на Претседателот на Врховниот суд, Љубомир Јовевски, Вилма Русковска и директорот на Агенцијата за упраување со конфискуван имот Фатон Асани.
Комисијата има еден работен состанок на кој не е одлучено ништо, или со народен речник, Љупчо Николовски „замачкал очи“ и го ослободил од одговорност Арафат Муареми. Или, барем така мислел тогаш.
Но ваквото однесување на Муареми не е само во случајот „Труст“.
Кажете ми, се сеќавате ли дека Арафат Муареми иако споменат во исказите на оштетените во случајот „Рекет“ беше споменуван како пријател на Бојан Јовановски-Боки 13, не беше повикан во ниту еден случај како сведок?
Се сеќавате дека оштетените во своите искази споменуваа дека Боки 13 се заканувал дека ако не исплатат одредена сума на пари, Арафат Муареми ќе им отвори истрага?
Сигурно не се сеќавате, затоа што името на Арафат Муареми до сега беше паметно затскривано и премолчувано.
Шема „Рекет“, проширена и надградена
Нема да тврдам ништо во овој сегмент, но ќе поставам неколку прашања.
Дали е точно дека Директорот на финансовата полиција Арафат Муареми, преку негов пријател, инаку бизнисмен кој се занимава со продажба на електроника, светло и расвета врши рекет врз фирми?
Дали е точно дека една од компаниите е компанијата „Универзал бои и лакови“, од кој што биле побарани 500.000 евра рекет, за да се прекине истрага против него?
Дали е точно дека Артан Ајро и Арафат Муареми ветувале на бизнисмени дека ќе ургираат кај Вилма Русковска да не покрене обвинение против нив, а како противуслуга барале извесни суми на пари или недвижнини?
Дали е точно дека сега притворениот сопственик на компанијата „Бауер АГ“ исто така бил жртва на ваква „шема“ па од него било барано да изгради викендичка за Директорот на финансовата полиција на Маврово?
На прашањата може да одговорат и посочените, а ако не, ќе почекаме од истрагата и судот да ги одговорат овие прашања”, пишува Митовски во текстот чија цела верзија можете да ја прочитате на овој ЛИНК.






