Ситуацијата која настана со оставката на премиерот ја менаџираме низ интензивен контакт со сите партии, освен оние кои го негираат Охридскиот и Преспанскиот договор, добрососедството, НАТО, ЕУ, Република Косово и албанскиот јазик, порача вечерва лидерот на ДУИ Али Ахмети на Фејсбук, откако ВМРО-ДПМНЕ и опозициските партии објавија дека заедно со Беса имаат ново мнозинство во Собранието.
„Исто така, по актуелниот развој, во контакт и координација сум со нашите стратешки партнери: САД, НАТО и Европската унија. Нема да дејствуваме ниту со емоции, ниту со еуфорија. Добив многу повици со поддршка од сите страни, на која сум благодарен, и иако не можам да им возвратам на сите, ви кажувам дека ќе успееме заедно. За сите следни чекори ќе бидете известени. Засекогаш заедно, во секакви дуели“, порача Ахмети кој не објаснува за каков вид дуели се работи.
Меѓу 2006 и 2008 година кога ДУИ беше во опозиција Ахмети се закани дека ако замине од дома нема да се врати што тогаш беше оценувано како закана за нов конфликт.





