Денеска во 10 часот на градскиот плоштад во Гостивар, претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари ќе ја објави кандидатурата за претседател на државата. Кандидатурата е поддржана од претседателството на партијата и од Европскиот сојуз за промени, коалицијата на Беса, Алтернатива и Демократско движење.
Кандидат за претседател, досега промовираше само „Левица“, професорката Билјана Ванковска. И лекарот Вело Марковски како независен кандидат ќе собира потписи за да си ги „одмери“ силите во претседателската трка.
Актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски нагласи дека за околу пет до десет дена од сега ќе ја донесе одлуката дали ќе се кандидира за втор мандат.
Лидерите на политичките партии единствено што информираат е дека „кругот се стеснува“, но не објавуваат јавно ниту кои кандидати се влезени во најтесниот круг.
СДСМ најави дека до крајот на месецот ќе ги заврши процедурите за избор на кандидатот за претседател, а неофицијално се мери рејтингот меѓу актуелниот претседател Стево Пендаровски, поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски и секретарот на партијата Миле Зечевиќ.
Но, и вицепремиерот Фатмир Битиќи, кој ја извршува и функцијата потпретседател на СДСМ, минатата недела откри дека има амбиции да стане претседател.
ВМРО-ДПМНЕ ќе го потврди името на својот кандидат на партиската конвенција на 2 март. Во јавноста како најсериозни кандидати од ВМРО-ДПМНЕ за претседател на државата се спомнуваат професорите Гордана Силјановска Давкова и Александар Спасеновски.
Од ДУИ не соопштуваат дали ќе излезат со свој претседателски кандидат или ќе го поддржат кандидатот кој би произлегол од владината коалиција.
Но, во јавноста се шпекулира дека претседателски кандидат на интрегративците би бил потпретседателт на партијата и актуелен шеф на дипломатијата, Бујар Османи.





