Мисирков: „Санстефанска Бугарија остана сон на бугарската нација – идеалот на бугарските националисти е зграпчувањето на Македонија“

„Секоја година Бугарија го одбележува 3 Март како свој национален празник. Тоа е датумот кога е потпишан договорот од Сан Стефано, кој го отсликува бугарскиот иредентизам, што се стреми да припои туѓи територии кон бугарската држава. Овој неизживеан сон за голема Бугарија и нејзините вековни претензии кон Македонија може да се препознаат и денес во бугарската политика кон Македонија. Крсте Мисирков кажал: ‘Бугарските влади една по друга во коренот ја уништуваа можноста за создавање автономна Македонија…Во Софија мислеа само за голема, санстефанска Бугарија.“ – вели Далибор Станковиќ во својата анализа со наслов „Парада на иредентизмот и оживување на сонот за голема Бугарија“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.



Станковиќ пишува: „Секоја година Софија го одбележува 3.март како свој национален празник, односно како Ден на ослободувањето на Бугарија од Османлиската Империја. Како датум за прослава е избран денот кога е потпишан Санстефанскиот мировен договор, со што заврши Руско-турската војна од 1877-1878 година. Но Санстефанскиот договор е контроверзен настан, бидејќи бугарскиот иредентистички и шовинистички политички концепт за голема Бугарија (санстефанска Бугарија) се гради врз одлуките на споменатиот договор од Сан Стефано.“

„Водејќи грижа за сопствените геополитички интереси, царска Русија ја принудува Османлиската Империја да прифати создавање една голема држава, во која требало да влезат териториите на историските и географските области Бугарија, Тракија и Македонија, без да се земат предвид етничките, јазичните и културните особености на споменатите области. Санстефанскиот договор никогаш не бил реализиран и бил ревидиран со Берлинскиот конгрес од 1878 година.“

„Предвидената бугарска држава никогаш не заживеала. Меѓутоа, санстефанска Бугарија се преобрази во суштината на бугарскиот иредентизам, кој се стреми кон припојување туѓи територии кон бугарската држава. Во 1908 година, весникот ‘Одрински глас’ ја објавува статијата ‘Прославата на бугарската оружена пропаганда, во која се вели: ‘Врховизмот – тоа е спроводник на бугарските националистички претензии. Неговата крајна цел е санстефанска Бугарија. Разбирајќи го македонскиот проблем како бугарско-националистички, врховизмот секогаш бил во полна услуга на врховните диригенти на бугарската политика.“

„Во својата статија ‘Македонскиот и бугарскиот национален идеал’, објавена во ‘Македонски глас’ во 1914 година, Крсте Мисирков вели: „…зграбувањето на цела Македонија, или присоединувањето на поголемиот нејзин дел кон Бугарија – ете го идеалот на бугарските националисти. Бугарските влади една по друга во коренот ја уништуваа можноста за создавање автономна Македонија… Софија не можеше и не сакаше да ги разбере интересите на Македонија. Санстефанска Бугарија остана нереализирана цел и сон на целата бугарска нација.“ – укажува Далибор Станковиќ во својата анализа, покрај другото.