Џејмс Мекфејден, поранешен фудбалски репрезентативец на Шкотска и подоцна асистент на тогашниот селектор Алекс Меклиш, верува дека Абердин би можел да бара околу 5 милиони фунти за Бојан Миовски во јануари доколку Селтик сериозно загриза за македонскиот напаѓач.



Менаџерот Брендан Роџерс е во потрага по нов стрелец и на „келтите“ им се припишува интерес за интернационалецот од Македонија по неверојатните 18 месеци во тимот од „Питодри“, во кои има постигнато 30 гола, вклучувајќи го вчерашниот против Хартс во шкотскиот Премиершип.

Миовски ги чинеше „црвените“ околу 500.000 фунти во летото 2022 година, а Мекфејден верува дека клубот би можел да го зголеми десеткратно износот од неговата почетна сума доколку се разделат со својот најдобар стрелец.

„Миовски е играч. Има 24 години, што е добра возраст“, изјави Мекфејден за „Опен гол“. „Мислам, особено во јануари, 5 милиони фунти за Миовски. Да речеме, Шанкланд оди во Ренџерс, а Миовски во Селтик“.

За квалитетите на Миовски популарниот Феди додаде: „Ако размислите за стилот на игра на Абердин, тие се многу директни, а тој изолиран, па се обидуваат да најдат партнер за да игра со него.

„Тој веднаш ќе биде прв избор во ситуација кога од Селтик ќе отсуствуваат Ох и Кјого поради настап во Азискиот шампионат, па тој ќе добие серија натпревари во тим кој сака да напаѓа и да гради игра. Ако има шанси, ќе постигнува голови“, уверен е Мекфејден, кој на 48 меча во дресот на Шкотска има постигнато 15 погодоци, последниот во 2009 година против Македонија во победата од 2:0 во Глазгов во квалификациите за Светското првенство.

Голот на Миовски против Хартс: