Најдобриот македонски фудбалер во моментов Бојан Миовски додаде уште еден гол за вкупно 12 во сите клупски натпреварувања сезонава, израмнувајќи во победата од 2:1 со пресврт против Хартс на својот стадион „Питодри“ во 17. коло од шкотскиот Премиершип.



Хартс водеше на полувреме со погодокот на Лоренс Шенкланд во 20. минута, пред напаѓач на репрезентацијата на Македонија да погоди во 53. минута, а вредна победа за домаќинот за приклучок кон горната половина од табелата му донесе Лејтон Кларксон во втората минута од судиското надополнување на времето.

Миовски беше заменет 13 минути пред крајот поради повреда во натпреварот во кој Би-Би-Си го прогласи за најдобар играч.

Со својот шести првенствен гол сезонава, 24-годишниот штипјанец го дели шестото место на листата на стрелците во шкотската елитна конкуренција.