Миовски му донесе бод на Абердин на гости со 17. гол сезонава

Најдобриот македонски напаѓач Бојан Миовски продолжи да ги тресе мрежите во Шкотска, реализирајќи пенал за реми 1:1 на Абердин на гостувањето кај Сент Џонстон во заостанатиот натпревар од 18. коло во шкотскиот фудбалски Премиершип.



Миовски му донесе водство на својот тим во 62. минута, но домаќинот израмни во 79. минута преку Израелецот Давид Келтјенс.

Ова е 17. погодок во 31. настап сезонава за 24-годишниот репрезентативец на Македонија, десетти во лигата, кој го искачи на делба на второто место на листата на стрелците со Англичанецот Џејмс Таверние и со Сенегалецот Абдалах Сима од Ренџерс, како и со Данецот Метју О’Рајли од Селтик. Пред нив е само Шкотланѓанецот Лоренс Шенкланд од Хартс со 13.

Покрај головите во во шкотската елитна конкуренција, штипјанецот по два пати погоди во Лига купот, во Лигата на конференциите на УЕФА, во квалификациите за Лига Европа и еднаш во Купот на Шкотска.

Погодокот во Перт го доближи само на еден гол до неговото вкупно остварување во текот на целата мината дебитантска сезона во Шкотска.