Министрите на ЕУ се согласија да ги суспендираат визните олеснувања за Русите

David SASSOLI - EP President meets with Josep BORRELL - Spain’s Minister for Foreign Affairs and appointed as High Representative of the Union for Foreign Affairs and Security Policy

Министрите за надворешни работи на Европската унија се согласија да го суспендираат договорот за олеснување на визниот режим со Русија од 2007 година, што им олеснува на Русите да добијат туристички визи.



Ова денеска го соопшти шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел. Ваквата одлука беше донесена поради агресијата на Русија против Украина.

Потегот е направен за да се спречи „купувањето на визи“ од руските апликанти кои бараат полесен влез во ЕУ преку земјите-членки кои имаат поблаги правила, изјави највисокиот претставник на ЕУ за надворешна политика на прес-конференција во Прага.

Одлуката доаѓа по неколкунеделниот притисок во земјите на ЕУ кои граничат со Русија поради руските државјани кои патуваат во блокот со шенген визи издадени од некои земји-членки на ЕУ.

Борел ја објави одлуката, која целосно не е во согласност со барањето на некои земји за целосната забрана за визи, по вториот ден од состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во чешкиот главен град.

Прашањето за ограничување на визите за Русите последниве денови се вжешти меѓу некои земји на ЕУ, но договор мора да постигнат сите 27 членки на блокот со цел тој да стане нова санкција против Русија.

Ваквата иницијатива ја предводат земјите што граничат со Русија – балтичките земји, Полска и Финска за порестриктивни визни забрани за руските туристи.

Откако ЕУ го забрани воздушниот сообраќај на летовите од Русија, повеќето патници ги користат своите копнени граници за да патуваат во други земји на ЕУ.