Министерот Османи се сретна со претставници на Бугарите од Македонија

МНР соопшти дека министерот Бујар Османи, денеска оствари средба со Ѓорѓи Трендафилов и со Љупчо Горгиевски, претставници на различни организации на бугарската заедница во Македонија. 



Се разговарало за „предизвиците со кои се соочуваат здруженијата, како и можностите за подиректна и поинтензивна соработка со државата“.

„На средбата беше изразено задоволство од директниот пристап во размената на мислења, како и интенцијата за повторна средба и засилена динамика на комуникација, со цел подиректно вклучување на бугарската заедница и здруженијата кои нив ги претставуваат во рамките на редовната соработка на државата со граѓанскиот сектор“, објави МНР.

Средбата доаѓа на еден ден пред истекот на законскиот рок со кој бугарските клубови „Ванчо Михајлов“ и „Цар Борис Трети“ треба да ги променат имињата или во спротивно Министерството за правда ќе треба да ја започне процедурата за нивно бришење од регистарот.