Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска ќе оди во Софија за да го посети повредениот македонски државјанин, кој беше физички нападнат во четвртокот во Охрид, соопшти вчера МНР.
Посетата на Османи ќе биде искористена, како што велат од МНР, за министерот Османи да размени мислења со неговиот бугарски колега Николај Милков за инцидентот во Охрид, за зачестените провокации, како и за активностите на двете министерства за превенција и отпорност од слични провокации.
Христијан Пендиков, кој е секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети” во Охрид, бил претепан во четвртокот вечерта во Охрид и тој завчера со бугарскиот владин авион „Фалкон” беше пренесен на лекување во Воено – медицинската академија во Софија, каде в понеделник ќе биде опериран.
Туфегџиќ: Преседан е како Бугаринот Пендиков е изнесен од земјава
Засега нема официјален став и појаснување од МНР, ниту од Министерството за здравство, за процедурата по која македонскиот државјанин Пендиков ја напуштил државата.
Од Обвинителството велат дека во однос на други постапки за наведеното лице, повеќе детали ќе изнесат в понеделник откако ќе биде направен увид во предметите што се споменуваат.






