Кренар Лога, министер за правда вели дека се бара начин да ги разреши членовите на Судскиот совет.



Според него, таква можност постои доколку има законски измени со кои ќе се одземе мандатот на сегашниот состав на Советот.

Тој изјави дека веќе разговара со политичките партии и очекува поддршка од власта и опозицијата.

„Ако има вакви законски измени, тоа ќе биде со консензус во Собранието со сите политички партии. Затоа, ова е една од опциите коишто може ние да ги имаме како решение.

Тоа што се случи во Судски совет сите нè загрижува и го осудуваме тоа. Очекувам враќање во нормала.

Едно од можните решенија, за кои разговарам и со политичките партии и со власта, е со законски преодни одредби да имаме престанок на мандатот на сегашниот состав на ова тело“, вели Лога, како што пренесе Сител.

Итни измени во Законот за судски совет бара и Врховниот суд. Постојното законско решение покажало низа слабости.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржи измени кои ќе го одземат мандатот на постојниот состав на судски. Со внатрешните превирања, советот дополнително го намалил квалитетот на судскиот систем.

Во Судскиот совет преовладувал ставот дека не било време за оставки.

Најавата на Лога за разрешување на целиот состав, велат била  политичка изјава.