Одлуката на Владата, со која се поништуваат конкретните решенија за распоредување на работниците во Министерството за внатрешни работи, е противзаконска и е донесена во постапка која е спротивна на одредбите од прописите што го регулираат работењето на Владата, а особено во спротивно со одредбите на Законот за организација и работа на органите на државната управа и Законот за Владата, се вели во соопштението од МВР.
Соопштениеето е реакција на вчерашната одлука на владата со која се поништени решенијата за распоредување во МВР потпипшани од министерот Наќе Чулев.
Министерот Чулев денеска доставил известување до вработените во кое наведува дека согласно член 47 став 1 од Законот за организација на работата на органите на државната управа со работата на министерството раководи министерот.
Во известувањето на Чулев до вработените се укажува дека постапување спротивно прописите повлекува кривична одговорност, односно злоупотреба на службената положба и овластување, што е казниво согласно одредбите на Кривичниот законик.






