„Либурн Алиу, министерот за животна средина, просторно планирање и инфраструктура на Косово, продолжи да стои на својата изјава дека за него независната држава Косово е привремен проект. Во изјава за КланКосова.тв Алиу нагласи дека за него Косово е преоден процес кон обединувањето со Албанија.“ – пренесе информативната агенција на албански јазик Илирија-ИНА.
ИНА пишува: „За мене Косово е привремен проект, во околностите во кои се наоѓа, со Уставот и со овие работи. Тоа е преоден процес кон обединувањето со Албанија.’ – рече Алиу. Во врска со изјавата на Алиу премиерот на Косово Албин Курти напомна дека бил известен оти „тој го кажал тоа во една емисија празнично, на Денот на независноста и на знамето 28 ноември.“
Инаку, изјавата на косовскиот министер Либурн Алиу дека „Косово е во процес на обединување со Албанија“ се наоѓа на иста „великоалбанска позиција“ со повикот на Билал Касами, лидерот на партијата Беса и градоначалник на Тетово: „Нема како да биде поинаку, освен како пред 111 години во Валона (кога на 28 ноември во 1912 година беше формирана албанската држава и кога беше прогласена нејзината независност – н.заб.). Денеска тука во Тетово да ги обединиме Косово, Македонија и Прешевската Долина (од југот на Србија – н.заб.), да ја направиме втората албанска држава Косово, а по Косово да ја направиме и Македонија албанска држава, зошто да не.“
Чекор по чекор, се обелоденува заемната координација и настојувањата на албанскиот политички чинител од Косово и албанскиот политички чинител од Македонија за обединување на „сите албански територии“ во единствена албанска држава во Балканот.





