„Покачувањето од 18,4 отсто не е соодветно во време на економско-енергетска криза, кога Владата изминатиов период ја донесе минималната плата, ги покачи пензиите и донесе пакет антикризни мерки. Моментумот за покачување на платите од 18,4 отсто не е реален“, изјави синоќа во гостување Телма, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.
Министерката вели дека социјалниот договор со синдикатите треба да продолжи а во досегашното преговарање се разговарало за воспоставување на систем на плати во јавниот сектор, кој би се договарал заеднички, а целта е платите да имаат постојан раст.
Исто така се зборувало и за усогласување на платите со порастот на просечната плата и со трошоците за живот.
За платите на вработените во градинките што ги направи оваа Влада Тренчевска вели:
„Во 2017 година, платата на воспитувач била 18.300 денари, денес во февруари платата е 26.574 денари. За негувател сега просечна плата е 19.560 денари, а во 2017 година негувателот земал плата 14.493 денари“.







