Министерката за надворешни работи на Бугарија, Теодора Генчовска, денеска ќе ја предводи бугарската делегација на чевствувањето на 150 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.
„Го поздравуваме учеството на делегациите на Бугарија во одбележувањето на 150-годишниот јубилеј од раѓањето на, за нас, најзначајниот историски лик за нашата земја, со што двете држави продолжуваат со напорите за интензивирање и продлабочување на вкупната соработка и зацврстување на довербата“, соопштија од Владата.
Во 13 часот, на гробот на Гоце Делчев во црквата Свети Спас, министерката за култура Костадиновска Стојчевска и заменичката министерка за надворешни работи, Фатмире Исаки, ќе положат венец заедно со делегацијата од Република Бугарија.
И покрај отсуството на премиерот, Димитар Ковачевски и на шефот на диппломатијата, Бујар Османи, кои се во посета на Брисел, од македонската Влада потврдија дека државни делегации ќе учествуваат во неколку свечени настани и одбележувања. Вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски во 10 часот ќе положат цвеќе на гробот на Делчев.
Претпладнево, владина делегација составена од министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски и советникот на премиерот Едмонд Адеми ќе положи цвеќе на споменикот на Гоце Делчев во градскиот парк во Скопје, а во 11 часот на споменикот на Гоце Делчев на Плоштадот Македонија во Скопје.






